Германски пратеник поднесе оставка затоа што земал пари за да лобира за Груевски

6

Германскиот пратеник Тобијас Цех поднесе оставка во четврток вечер откако магазинот „Шпигел“ објави дека земал кеш за да лобира за ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски,

„Според истражувањето на Шпигел, пратеникот на ЦСУ во Бундестагот Тобијас Цех работел ПР за партијата на корумпиран македонски политичар“, се вели во воведот на германскиот магазин.

Се наведува дека Цех, исто така, лично водел кампања за Груевски.

„Ова го правам за да го заштитам моето семејство и да избегнам штета на мојата партија преку можни предрасуди. Мислам дека легално нема конфликт. Но политички не можете да се однесувате така“, напиша Цех по оставката.

Понатаму, „Шпигел“ објави дека Цех, пратеник на ЦСУ во германскиот Бундестаг како дел од конзервативниот блок на канцеларката Ангела Меркел, зел петцифрена сума во 2016 година за консултантски услуги од партијата на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија за да не оди во затвор и сега живее таму како азилант. Тој и лично работел на промоција на Груевски, а во ноември 2016 година, присуствувал на предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.