Глигор Исаев е ставен на списокот со одбиени решенија за самоизолација- најавува тужба

25

Глигор Исаев заедно со неговите родители се најде на списокот меѓу 138 луѓе кои се објавени јавно дека не ги примиле решенијата за самоизолација. За разлика од неговата сопруга на која решението и е пратено на вибер и потврдено како примено, тој и неговите родители не добиле решенија за самоизолација иако, како што вели, полицијата доаѓа по двапати на ден да ги контролира.

Тие четворицата, во државата влегле на 20 јуни на граничниот премин Табановце патувајќи 30 часа со авомобил од Германија. Вели дека потпишале изјава на граничниот премин и од тогаш не добиле Решение за самоизолација, ниту тој, ниту родителите.

„Направивме тестови во акредитирана лабораторија во Германија, за се да биде по протокол како што се бара и сите се негативни. Седиме дома, ниту на крај памет не ми било да излегуваме. Сега одеднаш се најдовме на списокот на срамот дека не сакаме да примиме решенија.

Сега одеднаш ми се јавуваат луѓе, добивам закани, прекори, мора да се правдам. Моите родители се возрасни и цело време плачат, се плашат. Има луѓе кои се закануваат, пишуваат на социјалните мрежи дека ги ставаме во опасност нивните родители, а веќе ја знаат и нашата адреса која е објавена јавно.

Ние живееме во куќа каде што поштарите лесно можат да не најдат, не излегувавме од дома, почитуваме препораки и одеднаш сме ставени во ваква опасност “, објаснува Исаев за НОВА.

Тој вели дека кога на неговата сопруга и пратиле решение и кажале дека ќе добијат и другите членови на семејството. Побарал одговор во ДСЗИ зошто е тоа така, му било кажано дека најверојатно дека МВР имаат направено некаква грешка.

Исаиев кој со сопругата живее и работи во Германија вели дека ќе поднесе тужба што е доведен во ваква непријатна ситуација и опасност по него и безбедноста на неговото семејство.

“Ќе разговарам со осигурителната компанија и ќе ангажирам адвокати, ќе поднесам тужба до ДСЗИ“, вели Исаев.

Тој не е единствениот кој с е пожали во нашата редакција, откако беше објавен списокот со имиња на луѓе кои не сакале да ги примат решенијата за самоизолација. Но, за разлика од Исаев каде што сите податоци се напишани точно во објавата, некаде има грешка во буква на името или презимето, а некаде проблем било што матичните во упатите за брисеви дале погрешни, стари телефонски броеви од нивните пациенти.

Во ДСЗИ велат дека се што е објавено, се решенија на луѓе кои што не успеале да ги пронајдат, а сите се со добиена повратница од пошта.

„Објавени се само имиња на луѓе чии решенија се вратени со повратница од пошта, а се вратени заради три причини: Иселен е, не постои или адресата е непозната“ вели д-р. Ирина Сотирова Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Таа вели дека во последните шест дена имаат 2700 решенија за самоизолација и имаат проблем голем дел од нив да ги достават.

Во случајот со Глигор Исаев каде што нема грешка ниту во имињата ниту во адресата, останува непознато зошто заедно со неговите родители се најде на овој список кога, како што вели, ги почитуваат сите мерки, а не знаат зошто решенија не стигнале на нивната адреса заради што се најдоа на „зидот на срамот“, меѓу луѓе кои одбиваат да ги примаат решенијата за самоизолација.