Голем број авиокомпании воведуваат задолжително носење маска во авион

Некои големи авиокомпании бараат патниците да носат маски за лице за да го ограничат ширењето на коронавирусот.

21

Некои големи американски авиокомпании усвоија нови здравствени и безбедносни правила за патниците и кабинскиот екипаж, а и други авиокомпании ширум светот исто така воведуваат задолжително носење маски, пренесува „Би-би-си“.

Иако околу 90 проценти од меѓународните летови се откажани, авиокомпаниите се надеваат дека постепено ќе ги обновуваат летовите почнувајќи овој месец.

Американската авиокомпанија „Делта“ објави дека патниците мора да носат маска во текот на целиот лет, а „Американ ерлајнс“ и „Јунајтед“ исто така најавија дека ќе бараат патниците и кабинскиот екипаж да носат маски.

„Ние се грижиме за благосостојбата на нашите корисници, да им овозможиме безбедно патување со нас“, рече портпаролот на „Американ ерлајнс“, додека портпаролката на „Јунајтед ерлајнс“ забележа дека маските на патниците ќе им бидат дадени бесплатно.

Сепак, маските за лице не ги бараат сите авиокомпании. Така, австралискиот „Кантас“ објави дека не постојат барања во Австралија за носење маски.

Владата или авиокомпаниите не донеле никакви одлуки за какви мерки ќе бидат преземени за патувањата по укинувањето на ограничувањата.

Австралискиот национален превозник на својата веб-страница изјави дека иако ризикот од внесување коронавирус во авион се смета за низок, социјалното растојание ќе се почитува на сите летови.