Голем протест во Минск: 100.000 луѓе бараа Лукашенко да си замине (ВИДЕО)

5

На еден од најголемите опозициски собири во историјата на Белорусија, во неделата во Минск една недела по контроверзниот реизбор на претседателот Александар Лукашенко повеќе десетици илјади луѓе бараа тој да си замине.

„Оди си!“ скандираа демонстрантите до белорускиот лидер, собрани околу споменикот на жртвите од Втората светска војна.

Агенцијата Франс прес проценува дека се собрале повеќе од 100.000 луѓе, додека независниот медиум Тут.би изјави дека ова е најголемиот собир од осамостојувањето на земјата во 1991 година.

Дарија Кухта (39) присуствуваше со своите шест деца. „Сметаме дека се раѓа нова Белорусија и многу сум среќна што ова го гледам. Никогаш не мислев дека ќе видам толку знамиња и луѓе кои не се плашат“, рече таа.

На повик на Светлана Тихановскаја, главната противничка на Александар Лукашенко на претседателските избори, Белорусите протестираа и во голем број други градови во земјата.

Во текот на неделата, Лукашенко, кој е на власт цели 26 години, се појави ненајавено на плоштадот за независност во Минск пред околу 10.000 негови приврзаници, пренесува АФП.

„Ве повикав овде не да ме браните, туку за прв пат во четврт век да ја браните својата земја и нејзината независност“, рече тој, поттикнувајќи овации.

Белорускиот претседател (65) го отфрли барањето на опозицијата за одржување на нови претседателски избори, откако на 9 август освои 80 проценти од гласовите, но исто така предизвика обвинувања за измама.

„Ако тоа го направиме, сè неповратно ќе излезе надвор од контрола“, им рече тој на собраните.

Лукашенко исто така рече дека од странство сакаат да им наметнат влада. До него стоеше најмладиот син, Николај Лукашенко, кој понекогаш се претставува како негов можен наследник.