Горан Ангелов повеќе не е директор на „Дрисла“

6

Документите за разрешување на Горан Ангелов од директорската позиција во Дрисла денеска се доставени до Централниот регистар.

Кој ќе го замени неговото место, градоначалникот Шилегов не сакаше да открие додека не се официјализира целата постапка.

Откако името на Ангелов протече во јавноста во аферата за увезувањето италијански отпад во Бугарија, градските власти ќе истражуваат дали ја злоупотребил положбата за да носи таков отпад и во земјава. Доколку се потврди, ќе следи кривична пријава.

Во ек на големи пикови на загаденост, почнаа и чистењата на најопасните жаришта кои го загадуваат воздухот. За десетина дена целосно од ѓубре ќе се ослободи некогашната дива населба кај Кале. Над 200 лица, кои живееја во импровизирани бараки и палеа пластика, гума и дрво за да се згреат, се згрижени во соодветни институции. Шилегов гарантира дека ова место повеќе нема да биде црна точка во градот.

Во насока на поголема контрола за тоа каков отпад се носи во земјава, пратениците во Собранието денеска ќе одлучуваат дали ќе се забранува увоз на отпад за согорување.

Се очекува новиот закон да биде изгласан ако се земе предвид дека истиот го поддржи и опозицијата.

Инаку лани во Македонија биле увезени 2.215 тони отпад, а само една компанија го користела отпадот како гориво.