Горивата поскапи од половина до еден денар

16

Горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат за половина до еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,48 отсто.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за еден денар за литар, додека Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за 0,5 денари за литар.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 изнесува 72 денара, ЕУРОСУПЕР БС -98 ќе се продава за 74, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 63,5, а Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 63 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,824 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и сега ќе изнесува 37,843 денари.

Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени во изминатиот седум дена на светските берзи во просек за 3,506 отсто кај бензинот и за 3,108 отсто кај дизелот, како и за 0,724 отсто понискиот курс денарот во однос на доларот.