Градоначалникот на Њујорк: Коронавирусот на секои 10 минути носи по еден живот (ВИДЕО)

5

Бил де Бласио, градоначалникот на Њујорк, предупреди дека за тој град, кој е епицентарот на заразата со коронавирусот во САД, март ќе биде потежок од април, и дека на градот ќе му биде потребна федерална помош.

Во Њујорк досега има 26.697 заразени луѓе, а 450 умреа од коронавирусот. Само два месеци откако вирусот пристигна во САД, бројот на позитивните надмина 100.000, а поради тоа Де Бласио кажа дека е неопходен поголем фокус на здравствениот персонал, бидејќи го нема доволно, што го потврди и фактот дека властите ги повикаа пензионираните здравствени работници да се активираат.

Во борбата против коронавирусот, кој секои 10 минути носи по еден живот во Њујорк, повикани се да се вклучат и студентите по медицина на завршните години, со можност за забрзано издавање дипломи.

Де Бласио истакна дека околу прашањето на федералната поддршка Њујорк „не го зазеде местото што му припаѓа“ и го повтори она што го кажа и пред десетина дена дека им се потребни 15.000 респиратори, што и да мисли за тоа претседателот Донал Трамп.

Трамп соопшти дека во наредните 100 дена ќе се произведат 100.000 респиратори, да има за целата земја која има 320 милиони жители и 104.447 заразени.

Вирусот ги зафати сите сојузни држави на САД на 17 март, а прва беше Вашингтон која првиот случај го пријави на 21 јануари, а последна Западна Вирџинија.

Вашингтон пред седум дена беше првата држава според бројот на позитивно тестираните, а од тогаш приматот го презема Њујорк, со акцент на градот Њујорк. Таа држава е епицентарот со над 40.000 заразени и над 500 мртви. Пред 10 дена во САД имаше околу 10.000 заболени.

„Не се шегуваме со бројката на респиратори“, кажа Де Бласио и потсети на потребата од маски, хируршки ракавици и друга заштитна опрема.

На државата Њујорк ѝ се потребни 30.000 респиратори, а досега доби 4.000. Градската управа се бори и самата да ги набави, по цена од околу 2.500 долари за еден, но поради големата побарувачка доаѓа до наддавање и цените растат.

„Мислам дека најавите дека до Велигден сѐ ќе биде готово се невистинити“, кажа тој, додавајќи дека не сака да дава лажна надеж и дека сите мора да знаат дека „април ќе биде потежок од март, а мај потежок од април“.