Грантови за активности што го унапредуваат мултикултурализмот ќе добијат 44 основни и 16 средни училишта

3

 

Четириесет и четири основни и 16 средни училишта низ државава ќе добијат средства за реализација на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција за учебната 2022/2023 година.

Министерството за образование и наука на својата веб-страница ги објави резултатите од Јавниот повик односно листите на основни и средни училишта кои ќе бидат финансирани за овој вид активности.

МОН во известувањето наведува дека основната цел на овие грантови е промовирање на добрите практики за активности во кои се негуваат хармонични односи што се темелат на почитување на разликите.

-Притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество со што се овозможува градење современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент, информира МОН.