Грипот стигна порано, допрва е максимумот и има преклопување на вирусите

7

Грипот и настинките ги полнат амбулантите. Матичните лекари имаат полни раце работа со преглед на пациенти, деца и возрасни. Епидемиолозите констатираат дека грипот порано стигна по двегодишно отсуство поради пандемијата и мерките, но допрва ќе стигне максимумот и има преклопување на вирусите.

Матичниот лекар Рената Керпичоска вели дека притисокот се чувствува последните две недели.

– Последниве две недели има наплив на пациенти со настинки и вирусни инфекции. Се разбира, немаме земено брисеви, но проследени се со високи температури и кашлици. Има зголемен број на возрасни и на школски деца. Притисокот во амбулантите е голем. Секојдневно имаме по 30 до 40 настинати пациенти, изјави Керпичоска.

Во државава грипот го има спорадично. Од регистрираните 209 случаи, во Прилеп се пријавени 19. Има отсуства во училиштата и градинките, а има и преклопувања на вирусите.

Епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ од прилепскиот Центар за јавно здравје вели дека максимумот допрва доаѓа.

-Оваа зима имаме преклопување на сезоната на грип, на ковид и на останати акутни вирусни респираторни инфекции. Разбирливо, во претходните две зими, поради мерките, поради пандемијата со ковид, немавме грип. Веќе е потврдено присуството на вирусот на грип, но и на други акутни респираторни вируси.  Во лабораторијата на Институтот за јавно здравје доставени се 2822 примерока од лица заболени со акутни респираторни инфекции, кај кои паралелно е правено тестирање за докажување на корона вирусот, на грипот и на други респираторни вируси. Кај десет примероци е докажано присуството на грип, од кои кај девет од типот А, а кај еден примерок од типот Б, изјави Мургоска Станимировиќ.

Таа информира дека во државава од октомври се регистрирани 209 случаи на грип и според состојбите, како што рече, може да се каже дека сѐ уште активноста на грипот е со низок интензитет, а раширеноста е спорадична.

-Не е зафатена целата територија на државава. Оваа година грипот започна порано, иако обично првите случаи биле кон крајот на декември, а пред пандемијата беа кон крајот на јануари и во февруари. Во Прилеп, конкретно, досега се пријавени 19 случаи на грип, најмногу од 15 до 64-годишна возраст. Значи грипот го очекуваме допрва. Според информациите од теренот има зголемени отсуства и во градинките и во училиштата, објаснува Мургоска Станимировиќ.

Надлежните предупредуваат на внимателност. Според податоците не се очекува поинаков интензитет на грипот од претходните години.

-Сезоната на грипот допрва ни доаѓа. Каква сезона ќе имаме, не знаеме со оглед на тоа што две години отсуствуваше поради корона пандемијата, но од она што го имаме како податоци од следењето на грипот во целиот свет, нема некои разлики во интензитетот во однос на претходните години, вели епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ од Центарот за јавно здравје во Прилеп.