Гроси во вторник пред Советот за безбедност на ОН ќе го претстави планот за нуклеарната централа Запорожје

5

 

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, во вторник ќе претстави предлог до Обединетите нации за заштита на украинската нуклеарна централа Запорожје, заземена од руската армија, со надеж дека ќе се постигне договор пред можнa украинска контраофанзива.

„Гроси планира да го информира Советот за безбедност на ОН за ситуацијата со нуклеарната безбедност“ во нуклеарната централа Запорожје „на состанокот на 30 мај со кој претседава Швајцарија“, се вели во соопштението на МААЕ.

Шефот на агенцијата на ОН со месеци преговараше да обезбеди заштита на оваа нуклеарна централа во југоисточна Украина, каде ситуацијата се смета за многу несигурна поради гранатирањето поврзано со борбите во областа.

Таа централа, најголемиот таков објект во Европа, се наоѓа на брегот на реката Днепар, која во оваа област ги раздвојува двете завојувани страни. АЕЦ Запорожје беше предмет на неколку гранатирања и беше исклучена од електричната мрежа седумпати од нејзиното заземање од страна на руската армија на 4 март 2022 година.