Груби демантира дека ДУИ расчистува со некои кадри: Никој не е отстранет, сите остануваат во партијата

6

Сите избори во подограноци, ограноци, форуми на жени и млади како и на Конгресот поминаа во најдобар можен ред транспарентно и демократски.

Вака пратеникот на ДУИ Артан Груби за „360 степени“ ги коментира написите во некои медиуми дека на вчерашниот Конгрес, ДУИ расчисти со некои кадри кои се во партијата од основањето.

„Сите остануваат во ДУИ никој не е отстранет“, вели Груби, на конкретното прашање, зошто поранешниот високи финкционери како Рафиз Алити, Муса Џафери, доскорешниот прв човек на огранокот на Чаир Бекир Асани, но и неодамна реконструираниот, вицепремиер за Рамковен договор Хазби Лика и актуелниот вицепремиер Садула Дураки не се во Централниот одбор или на некоја од повидните партиски функции.

На вчерашниот конгрес лидерот Али Ахмети кој ја води ДУИ од основањето, едногласно повторно е избран да ја води партијата. Во Централниот одбор меѓу над 100 -ината членови се и министрите во владата Бујар Османи, Крешник Бектеши, Арбер Адеми, Хисен Џемаили, Насер Нуредини, од Собранието Талат Џафери, Артан Груби, Бранко Маноиловски, Ејуп Алими, Џеват Адеми, Агим Шакири, Мирсада Емини Асани, Реџаил Исмаили и Шпреса Хадри како и локалните функционери Теута Арифи (Тетово), Висар Ганиу (Чаир), Блерим Беџети (Сарај) Рамиз Мерко (Струга) и претседателите на партиските ограноци.

Хазби Лика, кој беше вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор беше реконстриуран летото, по забелешките дека не доаѓал на работа. При таа реконструкција, Садула Дураки беше назначен за вицепремиер и министер во новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а си замина од претходната функција како министер за екологија, каде ретко имаше јавни настапи и беше во сенка на тогашниот и актуелен заменик министер Јани Макрадули.