Груби: Лага е дека Ахмети е обвинет за воени злосторства од Хашкиот суд

35

Оние што сакаат да им наштетат на Албанците и на ОВК и нарачителите на лажните вести, добро би било да се воздржат од вакви клевети затоа што ниту минатото, ниту денешнината, ниту утрешнината нема да им простат, и ќе останат со заслужената дамка, вели Груби.

Лажна вест е дека лидерот на ДУИ Али Ахмети е обвинет од Хашкиот суд, изјави за Плусинфо генералниот секретар на ДУИ и прв вицепремиер Артан Груби откако таква вест беше објавена од некои медиуми повикувајќи се на портал на албански јазик.

– Злобната и поттикнувачка пропаганда против претседателот Али Ахмети и напорите на албанскиот народ за слобода и независност не престануваат. Лажната вест на еден албански проопозициски портал за наводното обвинение против Ахмети е најдобриот доказ за нивниот постојан став кон последните случувања и ослободителната војна на албанскиот народ. Ахмети е коосновач на НДК и ОВК, поддржувач на владеењето на правото, неселективна правда и тоа секогаш го докажувал, дури и во случајот на последното сведочење во Приштина. Оние што сакаат да им наштетат на Албанците и на ОВК и нарачителите на лажните вести, добро би било да се воздржат од вакви клевети затоа што ниту минатото, ниту денешнината, ниту утрешнината нема да им простат, и ќе останат со заслужената дамка – вели Груби.

Ахмети во септември беше повикан од Специјалното обвинителство за Косово во својство на сведок како еден од основачите на ОВК за перидот 1998 – 2000 година. Тогаш Груби изјави дека испрашувањето на Ахмети од хашките истражители е поврзано со активности на Ксово, но не и во Македонија.

Можеби ќе ве интересира
Ексградоначалникот на Чашка обвинет за злоупотреба на…

– Поканата дојде преку нашето обвинителство, на поканата пишува во кое својство е поканет – во својство на сведок за неговата улога како основач на ОВК и како еден од коосновачите на народното движење на Косово за периодот од 1998 до 2000 година. Само во овој период и за тие активности. Во целото испрашување нема прашувано за какви било други активности во Македонија или во која било друга земја. Се однесува во својство на сведок само за околностите во Косово 98/2000 и толкав е и мандатот на специјалното обвинителство на Косово – изјави тогаш Груби.

Вчера по повод потврдените обвиненија за воени злосторства пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово со седиште во Хаг на косовскиот претседател Хашим Тачи и поранешниот претседател на Собранието Кадри Весели, Ахмети преку писмо порача дека да имал уште еден живот, повторно ќе се борел за слобода.

– Убеден сум дека моите пријатели, мои соборци, ќе бидат сведоци на правичната војна на Ослободителната војска на Косово и ќе се вратат како победници, целосно почитувајќи го владеењето на правото и локалната и меѓународната правда. Знам, како јас, така и моите другари, ако имавме уште по еден живот, втора можност да се бориме за слобода и еднаквост, ќе го сторевме тоа повторно затоа што верувавме и верувавме во правото на нашата нација – напиша меѓудругото Ахмети.