Груби: Не ни пречи резолуцијата, само бараме да е усогласена од сите партии

3

Ништо не ни пречи во резолуцијата, туку бараме текстот да биде усогласен со сите парламентарни партии, што е претходна пракса за усвојување вакви документи, вели првиот вицепремиер Артан Груби за „Плусинфо“.

„Ништо не ни пречи, ја поддржуваме. ДУИ веќе 20 години ги застапува интересите на Албанците, Македонците и на сите граѓани и затоа денес сме во НАТО и на чекор до ЕУ. Бараме само текстот да биде усогласен со сите парламентарни партии, што е претходна пракса при усвојување вакви резолуции и да не претставува дополнителна пречка во билатералниот спор. Ние во неколку наврати истакнавме дека идентитетот, јазикот, културата и историјата се неспорни и не можат да бидат дел од спор во 21 век“, вели Груби.

Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара од ДУИ да застане зад интересите на Македонците, со тоа што од неа бара да ја поддржи резолуцијата за „црвените линии“ во спорот со Бугарија.

Мицкоски во интервју за „Вечер“, вели дека е неприфатливо тоа што министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека ако треба да се донесе некаква резолуција тоа треба да биде производ од сите, а не наметната од некоја политичка партија.

„ДУИ е на ставот дека овој процес треба да почне од нула, да седнат политичките партии консензуално, а не да биде наметната од една партија. Како што напоменав, се плашам дека може од државна со ваква резолуција да преминеме во етничка позиција“, рече Османи за „Утрински брифинг“.

Мицкоски, пак, вели дека не треба да се гледаат интересите на соседите од другите држави, туку политичките лидери треба да се залагаат за интересите на сопствената држава.

„Наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ. Жалам што тој човек што ја даде таа изјава, дека резолуцијата е штетна за Македонија, сè уште е министер за надворешни работи“,

рече Мицкоски.