Груевски: Новачевски срамно лаже, а Камчев се испазарил!

23

По денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно”, на кое кумот го разоткри кумашинот, односно Ристо Новачевски го разоткри тајниот имот на Никола Груевски, а по него се надоврза и бизнисменот Орце Камчев, со реакција од Будимпешта се јави и Груевски.

Според него, правосудниот систем во Македонија го достигнал највисокиот степен на брутален и невиден политички прогон.

-Или подобра метафора е дека сведоците и обвинетите се принудуваат со пиштол на чело да потпишат или дадат изјава која и е потребна на власта и обвинителството за да ги остварат своите валкани и подмолни зацртани цели. Или поинаку метафорично кажано со веќе вбризган отров и против отров на масата пред нив кој би им го дале доколку потпишат или изјават нешто што обвинителството посакува, напиша Груевски.

Тој вели дека се почнало со признането на обвинетите во “Титаник”, па сега и другите се спасувале вперувајќи го прстот во него.

-Ристо Новачевски денес кажал дека сум го повикал и сум му кажал дека сакам да правам градежна фирма и да се бавам со градежништво, па сум му предложил тој да биде управител.

Ристо Н. срамно лаже. Тоа не е вистина. Никогаш не сум помислил да правам градежна фирма а уште помалку Ристо да е управител. Никогаш преку никаква и ничија фирма или лице не сум купил земјиште или станови. Преку овој лажен исказ сакаат да кажат дека кога бев премиер, кога работев по 15 часа на ден да ја при движам земјата напред, и кога Македонија под мое водство како премиер редеше успеси на секое поле, економијата растеше со највисоки стапки во Европа и имавме успешни реформи на секое поле, јас сум сакал да станам градежник. Тоа е бесрамно лага, напиша Груевски на фејсбук.

По Новачевски, Груевски го коментира и исказот на Орце Камчев.

-И Орце Камчев “се испазарил” и “преку ноќ” ја сменил изјавата и погазил се што збореше до сега, изјава за која цела јавност ја убедуваше дека е вистина и жестоко ја напаѓаше обвинителката речиси на секое рочиште дека прави лажна конструкција. Уште и додал дека земјиштето го платил или трампал со некакви три апартмани во некоја зграда со име “Панорама” или слично на тоа, нешто што никогаш не се случило, ниту пак имам или некогаш сум имал такви апартмани во вкупна големина од 750 мкв кои чекале за примопредавање, со што сам се негира дека ми дал некаква компензација.
На прашање дали сум ги превзел тие станови, кажал дека не сум ги превзел и дека ми ги чувал Мето Стојчевски, кој е зет од сестра на Орце Камчев. Какви лаги!!! Неверојатно!!! Неможам да поверувам!!!
Ниту поседувам такви станови, ниту сум ги договорил со некој, ниту некој ми ветил или ми чува станови некаде, каде незнам ни каде точно е тоа, ниту со некого сум договарал такво нешто.

Па вака секој што има станови може да каже еве овие станови кои не ми се продадени ги чувам за Груевски. Еден ден да му ги дадам и да ги превземе.
Каква лудост, вели Груевски.

Тој заклчува дека оваа игра е смислена неодамна и е набрзина обмислена, па така многу од денешните изјави се контрадикторни на доказите на обвинителството.

-Невидена игра, како во холивудски филм. Но во тие филмови секогаш победува правдата и вистината. За сега ми останува да верувам дека порано или подоцна и во оваа голема хајка на власта против мене, во која не се бираат средства, ќе победи вистината, пишува Груевски.