Груевски се спаси од „Траекторија“, му застари кривичното дело

15

Екс премиерот Никола Груевски се спаси од кривичен прогон за случајот „Траекторија“, односно повеќе нема да му се суди за злоупотребите при изградбата на автопатите Штип-Миладиновци и Кичево -Охрид бидејќи делото му застари. Апсолутната застареност денеска ја констатираше Кривичниот суд.

Ова следува откако адвокатот кој по службена должност му беше oдреден на Груевски, неоадма доставил до судот барање да се констатира застареност на случајот со оглед на тоа што се истечени шест години од времето кога е сторено делото според обвинението на СЈО, а правосилна пресуда немаше.

Во овој случај Груевски беше обвинет за делото „Примање награда за противзаконито влијание“ од чл.359 ст.2 од КЗ, за што е предвидена затворска казна од една до три години, поради што пак застарува за шест години, сметано од 2013 година.

На останатите обвинети во овој случај, меѓу кои се и екс министрите Миле Јанакиески и Владимир Пешевски ќе продолжи да им се суди, бидејќи се обвинети за кривични дела за кои се предвидени повисоки казни, а со тоа и застарувањето се одложува.