Груевски: Ѕинго не беше само успешен политичар и стопанственик – беше и искрен пријател, човек од збор

32

Поранешниот премиер Никола Груевски преку Фејсбук се прости со Љубисав Иванов – Ѕинго кој почина денеска.

Според Груевски, Ѕинго не беше само успешен политичар, стопанственик или поранешен прв човек на ФФМ туку тој беше и добар човек, стабилна личност, искрен пријател, човек од збор.

Се запознале пред околу 20 години, а вели дека наспроти многуте предрасуди за него, за кратко време увидел дека станува збор за голем патриот кој многу ја сака Македонија.

-Многу луѓе знаат да изградат пријателства. Но не многу знаат не само да ги задржат туку да ги направат вечни, преку почит, со грижа, со коректност, со искрен пристап, со подршка кога треба, со држење до дадениот збор и договор и секако со неговата лична харизма и префинето чувство за хумор, како и огромно и несекојдневно искуство. Не говорам само низ мојот пример. Брзо забележав дека е опкружен со многу голем број долгогодишни верни пријатели кои никогаш не ги напуштил, не гледајќи дали му требаат или не, односно дали има корист од нив или не или пак колку се моќни. Тоа го правеше посебен. Како што го правеше посебен неверојатната желба да ги подобри условите за живот во градот Кратово од кој секое утро патуваше во Скопје и без исклучок секоја вечер се враќаше независно што некогаш околностите бараа да преноќи во Скопје заради обврските рано изутрина. Неслучајно со децении имаше неверојатна подршка, почит и лојалност од огромното мнозинство граѓани на Кратово. Независно на различната идеолошка матрица на неговата партија со партијата која јас ја предводев не беше воопшто тешко, напротив беше задоволство и предизвик да се соработува и да се изгради доверба со таков човек, кој толку многу ја сакаше Македонија, ја познаваше и беше горд со нејзината историја и кој со неговотно животно, политичко и менаџерско искуство во стопанството секој разговор го правеше продуктивен и незаборавен, напиша Груевски на Фејсбук.

Вели дека со сите свои функции и успеси Ѕинго останува дел од македонската историја.