Грузиската полиција со водени топови против демонстрантите

8

Грузиската полиција употреби водени топови за да ги растера демонстрантите кои протестираа во близина на Парламентот и уапси неколку активисти, откако илјадници луѓе се собраа во главниот град барајќи изборни реформи. Пред да употреби водени топови полицијата им даде 30 – минутен ултиматум на демонстрантите да се разотидат.

Од Министерството за внатрешни работи утрово соопштија дека се уапсени 28 демонстранти, поради „непослушност кон полицијата и хулиганство“. Министерството за здравство соопшти дека четири луѓе се повредени, од кои тројца остануваат во болница.

Полицијата сега ги контролира влезовите во Парламентот, а десетици демонстранти остануваат да протестираат.

Демонстрантите се собраа пред Парламентот откако владејачката партија „Грузиски сон“ одби да го промени изборниот модел. Демонстрантите бараат оставка од владата и предвремени избори. Тие велат дека ќе ги спречат пратениците да влезат во парламентот, каде денеска треба да се одржи пленарна седница.

Вчера од владејачката партија рекоа дека прашањето за изборниот модел е затворено и нема да има измени во изборниот систем.