Грчкиот Парламент одобри прелиминарна истрага за поранешниот министер од СИРИЗА за случајот „Новартис“

13

Атина, 9 октомври – Со мнозинство од 173 пратеници, грчкиот Парламент кусо по полноќ го одобри предлогот на 30 пратеници од Нова демократија за формирање специјална парламентарна комисија што ќе спроведе прелиминарна истрага за евентуалната вмешаност на поранешниот алтернативен министер за правда од владата на СИРИЗА, Димитрис Папангелопулос во случајот „Новартис“, jави дописничката на МИА од Атина.

Во спроведеното тајно гласање на кое му претходеше расправа во Парламентот, 173 пратеници гласаа „за“ предлогот од Нова демократија, 84 гласаа „против“, а во процесот на гласање не учествуваа пратениците од Комунистичката партија, од Грчко решение и МЕРА25.

Одобрениот предлог за формирање специјална парламентарна комисија што ќе спроведе прелиминарна истрага за евентуалната вмешаност на поранешниот алтернативен министер за правда од владата на СИРИЗА во случајот „Новартис се однесува на четири прекршоци кои наводно ги сторил Папангелопулос, меѓу кои прекршување и злоупотреба на службена должност и поттикнување лага. Специјалната комисија има временски рок од два месеци за да го достави извештајот.

Поранешниот министер од владата на СИРИЗА во неговиот говор во Парламентот за време на расправата ги отфрли сите обвинувања и рече дека станува збор за политички прогон и клевета против него. По обвинувањата на политичари и судии дека случајот со фармацевтската компанија Новартис е наместен, обвинителството на Врховниот суд на Грција, спроведе истрага, состави предмет и случајот го достави до Парламентот, каде што минатиот месец беше соопштен пред пратениците, а се однесува на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и поранешниот алтернативен министер за правда на Грција, Димитрис Папангелопулос, согласно Уставот и законот за „Кривична одговорност на министрите“.

Нова демократија реши да побара прелиминарна истрага само за поранешниот министер, а не и за поранешниот грчки премиер.