Гувернерот на Њујорк го повика Трамп да нареди носење маски на национално ниво

13

Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо го повика американскиот претседател Доналд Трамп да издаде наредба за задолжително носење маски во јавност на национално ниво, а тој да даде личен пример за другите луѓе.

„Тоа го направивме во Њујорк пред два месеца“,

рече Куомо, додавајќи дека другите држави кои првично се спротивставија на таквата наредба сега го бараат тоа.
Центрите за контрола и спречување болести препорачуваат луѓето да носат заштитни маски во јавноста, особено таму каде што е тешко да се одржи физичко растојание.

На средбата со градоначалниците, Куомо рече дека надлежните го преиспитуваат планот за тоа како да им се овозможи на луѓето да јадат во ресторани во затворен простор во Њујорк, без да го загрозат напредокот постигнат во намалување на бројот на заразени со коронавирусот.

„Јадењето во отворениот дел на рестораните многу добро функционираше, но примерите од другите земји покажаа дека во затворен простор тоа е проблематично“,

рече Куомо.
Тој најави консултации со сопствениците на ресторани по што ќе се донесе одлука утре.

Градоначалникот Бил де Бласио рече дека Њујорк е на пат да дозволи користење на затворениот дел од рестоттаните, но со ограничен капацитет, почнувајќи од 6 јули, како дел од следната фаза на намалување на рестрикциите.

Куомо изјави дека ќе бидат потребни ефикасни филтри што можат да ги отстранат вирусите од системите за вентилација и ладење во сите трговски центри кои повторно ќе се отвораат.

Њујорк вчера регистрира седум смртни случаи како последица на ковид-19, а хоспитализирани се 853 лица, што е најмал број од почетокот на пандемијата.

Трамп досега повеќе пати изјави дека носењето маски е добро, но не и за него. На сите јавни настани од почетокот на пандемијата Трамп ниту еднаш не се појавил со маска.