Дали мнозинството ќе порасне до 65 пратеници?

7

Според неофицијални информации на Фокус, во новото мнозинство треба да влезе Алтернатива, Реџепи од Беса и еден пратеник од Алијанса.

СДСМ, ДУИ и другите коалициски партнери вечерва се одбрaнија од иницијативата за изгласување на недоверба на владата, поднесена од 61 пратеник од опозицијата, плус владејачката Беса, која одлучи да ја промени страната поради однесувањето на ДУИ.

Откако еден од тројцата пратеници на Беса, Кастриот Реџепи, не се појави во парламентот, со образложение дека тоа е во интерес на интеграциите на земјава, ВМРО-ДПМНЕ, ААА, Левица и Беса не можеа ниту да ја започнат седницата, бидејќи немаа кворум за изгласување на дневниот ред.

Сепак, сега ситуацијата говори дека власта се потпира на само 59 пратеници, со тоа што, како што изјави sпикерот Талат Џафери, не се исклучува Реџепи деновиве да стане 60-тиот пратеник на мнозинството.

Арно ама, тоа е недоволно за непречено функционирање на законодавниот дом. Затоа, Александар Николоски од името на ВМРО-ДПМНЕ побара брзи предвремени парламентарни избори, што, според него, е единствен излез од кризата.

Сепак, власта ја отфрла опцијата за избори. Според неофицијални информации на Фокус, Алтерантива е на чекор до конечен договор за приклучување во владата, во која треба да добијат две министерски места.

Како што веќе објавивме, знаејќи дека партијата на Африм Гаши се приближува до СДСМ, Беса се обидела да ги поправи односите со Зоран Заев, но тоа завршило неуспешно.

Затоа, владини извори посочуваат дека министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, кој е генерален секретар на Беса, ќе биде разрешен од министерската позиција, меѓутоа засега не е утврдено дали Алтерантива ќе го земе овој ресор или други два.

Доколку се официјализира влезот на Алтернатива во владата, тоа значи дека парламентарното мнозинство би имало 64 пратеници.

Меѓутоа, неофицијално дознаваме дека напредни преговори се водат и со еден од 8-те пратеници на Алијанса за Албанците на Зијадин Села, кој може да биде 65-тиот пратеник на новото мнозинство.

И координаторот на пратеничката група на социјалдеморкарите, Јован Митрески, рече дека мнозинството ќе се прошири, а за тоа јавноста ќе ја известат самите пратеници.