Даниловски: Викенд-карантин за намалување на бројот на заболени и починати

15

Викенд-карантин е една опција за намалување на бројот на заболени и починати од ковид-19, вели епидемиологот Дрaган Даниловски во гостување на телевизија 24.

„Начинот за да се намали бројот на позитивни и починати е со спроведување на 24-часовен карантин, полициски час од 24 часа во траење од еден викенд, ако треба и да се повторува, со што ќе се спушти нивото на позитивни, а со тоа и бројот на починати. Дали ќе биде тоа спроведено, зависи од проценките на одговорните колеги во Комисијата за заразни болести којашто го советува министерот“,
вели Даниловски.

Доколку нема нови мерки, со вакво темпо, според Даниловски, до март ќе се стекнеме со колективен имунитет.

„Со вакво темпо, ако продолжиме и со овие мерки, стагнирана е состојбата на просечен број нови случаи на 1 000. Според една студија, реалниот број на позитивни е 10 пати повисок, тоа значи дека се 10 000 дневно. 60 отсто од населението треба да имаат контакт со вирусот за да се обезбеди она што се вика праг на колективниот имунитет за епидемијата да почне да згаснува. Со оваа динамика, милион жители ќе бидат инфицирани приближно за 90 дена, тоа е март. Ако со краткотрајни карантини го смалиме интензитетот за 70 отсто, наместо 1 000 просечно да имаме 300 новозаболени, тогаш пропорционално и периодот за којшто би се постигнал колективниот имунитет се продолжува за два месеци, накај јуни. До Комисијата е да одлучи кое сценарио ќе го одбере“, вели Даниловски.

Тој вели дека најлесно може да се реши проблемот со тринеделен карантин, но дека тоа може да донесе други последици како раст на сиромаштија, психички заболувања, самоубиства и сл.

„Имаме ситуација во која некаде околу 60 отсто од вработените во приватниот сектор се во угостителскиот сектор и услужните дејности. Некаде 22 отсто од населението живее на граница на сиромаштија. Мерките што се преземаат не би требало да предизвикаат повеќе штета од она што го предизвикува причината заради која се преземаат мерките. Мерките не се само здравствени, тие се и политички, кои ги имаат предвид пошироките околности во смисла на тоа да не се предизвикаат во некое второ време економски, социолошки и психолошки проблеми. Да не се соочиме со немаштија, хронични заболувања, самоубиства, психички заболувања. Затоа мислам дека краткотраен ‘локдаун’ кој би се спроведувал во викенд не би наштетило премногу на економијата, а сепак би имало влијание врз намалување на бројот на позитивни и бројот на починати“, вели Даниловски.

Даниловски посочи дека дополнителен ризик носат претстојните слави и апелираше да се почитуваат мерките. Тој додаде и дека треба да се зајакне контролата врз оние што ги кршат мерките за заштита.

„Народот е тој што е, менталитетот е тој. Постои отсуство на емпатија, на сочувство, на совест. Независно што се на сила одредени мерки на рестрикција, имам впечаток дека нема адекватна контрола, сведоци сме на полни кафулиња, собири, журки. Тоа е нешто што не може преку ноќ да се смени во свеста на граѓаните особено на младите. Пандемијата ги изврши на површина сите недостатоци и во иден период полни раце работа ќе имаат не само докторите туку и психолози, социолози да проучат да дојдат до причините и факторите што доведуваат до отсуство на емпатија. Се плашам дека славите ќе донесат нови ризици и апелирам славите и чествувањата да бидат со високо на ниво на свест. Храмовите се отворени, но и црковните великодостојници повикаа дека во црква треба да се влезе во маска. Ако со малку повеќе внимание и контрола пристапиме, верувам дека нема скапо да нѐ чини“, вели епидемиологот Даниловски.

Даниловски потенцираше дека државата не смее да дозволи преоптоварување на болничките капацитети за да не се компромитира квалитетот на здравствената грижа на пациентите.