Даниловски: Тие што не развиле имунитет после две дози Синофарм, треба да се вакцинираат со Фајзер

89

Професорот на Медицинскиот факултет и поранешен министер за здравство, доктор Драган Даниловски за Слободен печат вели дека во случаите каде што граѓаните и по две дози од Синофарм вакцината не развиле имунитет, треба да се вакцинираат со трета доза, ама од друг производител. Според него, најсоодветен производител за оваа намена е Фајзер, бидејќи имунолошкиот систем на постарите граѓани е исцрпен, а фајзеровата вакцина дава посилен стимул на имунитетот да реагира адекватно.

-Најчесто антитела не развиваат постари лица, над 70 години од јасни причини. Кај нив имунолошкиот систем е веќе исцрпен заради возраста и веројатно заради редовното присуство на некое хронично заболување. Кај нас ретко можете да најдете човек над 70 години без здравствени проблеми, што е трагично и претставува посебна, многу сериозна тема. Обединетите Арапски Емирати користеа Синофарм и Синовак, веќе вакцинираа со трета доза одреден број свои граѓани кои не развиле антитела. Бахреин вакцинираа со Синофарм, се подготвува да администрира трета доза од друг производител. По углед на ОАЕ и Бахреин, а врз основа на најавите на официјални лица од Синофарм, кои изјавуваа дека многу веројатно за нивните вакцини ќе требаат три дози, веројатно ќе треба да донесеме и ние слична одлука. Дефинитивно мислам дека третата доза треба да биде Фајзер. Зошто? Зашто на исцрпен имунолошки систем му треба посилен стимул за да реагира адекватно, нешто што Синофарм не е секогаш во состојба да го стори. Значи, се сомневам дека и трета доза на Синофарм би имала значаен ефект, вели д-р Даниловски.

Тој додава дека не е се така црно, затоа што имунитетот не се состои само од антитела, таканаречен хуморален идентитет.

-Постои и едно друго ниво, подлабоко, постабилно и подолготрајно, нивото на т лимфоцитите, таканаречен клеточен имунитет. Значи дури и ако не би се формирале антитела после вакцинирање, сепак, формиран е клеточен имунитет. За волја на вистината, во тој случај не постои заштита од заразување, но дефинитивно ќе постои заштита од лош исход тешки симптоми и смрт. Имено, кога ќе дојде до заразување во отсуство на антитела, клеточниот имунитет ќе го препознае ,,непријателот” и веднаш ќе почне да произведува антитела, кои ќе го олеснат текот на болеста. За жал, се подразбира дека заразените лица ќе бидат во состојба да го шират вирусот наоколу, вели д-р Даниловски.