Дачиќ: Вучиќ постапи исправно, сите Срби од Црна Гора да се изјаснат за новиот закон

7

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ оцени денес дека претседателот на Србија Александар Вучиќ донел правилна одлука да не оди во Црна Гора, но дека уште поважно од тоа е што го пренел официјалниот став дека Србија цврсто стои во одбраната на правата на српскиот народ.

„Ние имаме легитимно право и обврска да се грижиме за Србите во Црна Гора“, порача Дачиќ за РТС оценувајќи дека проблемот за црногорската власт е што посетата на Вучиќ уште повеќе би го зајакнала српскиот народ во Црна Гора.

Дачиќ смета дека се присутни и двојни аршини, истакнувајќи дека црногорскиот режим ја обвинува Србија за големосрпски амбиции, почнувајќи од 1918 година навака, а дека овојпат се обиделе да кажат дека Србија ја предизвикува кризата со тоа што наводно е против независноста на Црна Гора.

„Ги повикувам да престанат со тие изрази кои не ја одразуваат реалната ситуација, тоа се ноторни невистини и лаги. Со години наназад никој не кажал ни збор против црногорската независност“, кажа Дачиќ.

Околу обвинувањата на партијата на Мило Ѓукановиќ дека Вучиќ се меша во внатрешните работи на Црна Гора, Дачиќ кажа дека и ДПС и Црна Гора на најгруб начин се мешале во внатрешните работи на Србија секој ден зборувајќи за независно Косово.

Дачиќ оцени дека на црногорската власт ѝ е потребна антисрпска кампања поради изборите, но истакна дека Србија се залага и решението го гледа во дијалог.

Тој додаде и дека е крајно време сите граѓани на Србија кои се со црногорско потекло да се изјаснат за законот за слобода на вероисповедта кој беше усвоен во Црна Гора.

Дачиќ кажа дека е морална обврска на секој што добил српско државјанство, го минал животниот век во Србија и сѐ стекнал во таа земја да не молчи по ова прашање.