Дачиќ: Црвените линии се да нема нови преговори за Бриселскиот договор и ЗСО и да нема признавање на Косово

6

 

Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека црвените линии за Србија се дека не сака нови преговори за Бриселскиот договор и Заедницата на српските општини, ниту Косово во ОН, како и физичка безбедност на Србите во Косово.

– Кои се нашите црвени линии: Прво, нема преговори за она што веќе го договоривме. Второ, нема признавање на независноста на Косово или членство во Обединетите нации. Трето, нема физички напади, односно загрозување на безбедноста на Србите. Тоа се нашите црвени линии. Подготвени сме за мир, но за тоа е потребна и друга страна, истакна Дачиќ.

Дачиќ рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ и Владата, со барањето до КФОР за враќање на припадниците на српските вооружени сили на Косово, ќе се обидат да ги „расчистат работите“ пред меѓународната заедница и да дознаат дали Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244 е целосно имплементирана.

– Знаеме дека тоа се реторички прашања, односно однапред го знаеме одговорот на нив. Како што сега се обидуваат да прикажат дека Бриселскиот договор не постои, така се однесуваат и во однос на Резолуцијата 1244, изјави Дачиќ за РТС.

Тој рече дека меѓународната заедница не сака целосно да ја почитува или имплементира Резолуцијата 1244, но и дека не може да ја укине бидејќи е потребно мнозинство во Советот за безбедност на ОН, додека Приштина, додаде, веќе неколку пати барала нејзино укинување, како и УНМИК и КФОР да се укине.

Дачиќ рече дека со барањето за враќање на српската војска и полиција на северно Косово, Србија сака да укаже дека постои обврска на меѓународната заедница да ги заштити сите граѓани на Косово.

– Сите кои доаѓаат од меѓународната заедница велат дека се свесни дека се додека премиер на Косово е Албин Курти нема да има мир или договор со Приштина и дека Курти е најголемиот дестабилизирачки фактор во регионот во моментов, рече Дачиќ.

Запрашан за досегашните најголеми притисоци врз Србија, кои според најавата на Вучиќ ќе следат кога Косово ќе поднесе барање за членство во ЕУ на 15 декември, Дачиќ рече дека веројатно ќе биде „кондензација на различни видови притисоци“, да се прифати ситуацијата на теренот, некој конечен договор што би подразбирал признавање на Косово и одобрување на членството на Косово во ЕУ и Советот на Европа.

– Кога станува збор за ЕУ, постои можност тоа да се оспори иако нема мнозинство, бидејќи не е веројатно дека ќе се гласа со мнозинство, но ќе биде потребен консензус доколку некој се повика на прашањето за статусот. Чешка е претседавач, таа го добива барањето. Дали тоа барање првично ќе биде одбиено поради статусот или ќе биде испратено до Европската комисија на изјаснување, па една година ќе разговараат за тоа, зависи и од претседавачот, рече Дачиќ.

На Србите на Косово кои утрово се на барикадите, тој им порача дека Србија ќе застане на нивна страна.

-Тие сигурно нема да останат без поддршката на нивната земја. Тие можат да бидат сигурни дека ние ќе вложиме максимални дипломатски напори, се надевам само дипломатски и политички за да го заштитиме нашиот народ на Косово и Метохија, доколку е потребно, и на другите, се разбира, порача Дачиќ.