Да земам да се самозапалам за да реагира некој за “Никифон”

8

Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ тврди дека сите потребни документи и докази за случајот со барокната катна гаража кај „Авто Македонија“ се предадени на Јавното обвинителство. Откако вчера од Обвинителството соопштија дека Општината не ги доставила дополнителни материјали по кривичните пријави кои биле побарани од нив и со тоа не приложиле докази, Богдановиќ денеска на прес-конференција ги покажа документите за сите достави до Обвинителството кои биле побарани од нив.

„По кривичните пријави во 2015 година, претставници од Општина Центар на 3 февруари 2016 година биле повикани во Обвинителството и доставиле 72 списи. Два дена подоцна на 5 февруари доставени се и дополнителни материјали. Оттогаш нема стигнато никакво известување до Општината. Откако ние го преземавме градежното земјиште на 13 август 2019 документацијата за овој случај ја доставивме до Јавното обвинителство, а на 15 август и дополните документи. Исто така целата документација ја доставивме и до Министерството за внатрешни работи. Од наша страна сѐ е направено, останува уште да се самозапалам, па да се постапи по случајот“, вели Богдановиќ.

Тој вели дека токму Правилникот за формирање на цената на јавното наддавање кој им е доставен на Обвинителството е доказ дека е извршена злоупотреба на службена должност и оштетен буџетот на Општината. Според Правилникот за утврдување на висината на цената на градежно земјиште при компатибилна намена таа треба да е 70 отсто од цената за изградба на катна гаража која е 6.000 денари и 30 отсто од цената за деловен простор која е 5.000 денари. Според тоа како што вели Богдановиќ почетната цена на јавното наддавање требала да биде 5.600 денари, а не 1.850 денари.