Двајца гинеколози од Битола обвинети за смртта на женско новороденче

2

Двајца лекари-специјалисти вработени во клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола се обвинети за несовесно постапувале при укажување лекарска помош – породување на пациентка, родилка од село Смилево, Општина Демир Хисар, поради што настапила смрт на новороденче.

„Родилката била примена за породување на 12.10.2019 година околу 17 часот во Одделот за гинекологија и акушерство при Клиничка болница Битола, каде дежурни лекари биле обвинетите. Тие не ја следеле и навремено не ги регистрирале промените во здравствената состојба кај родилката. Иако сите промени во здравствената состојба на родилката претставувале апсолутен показател дека здравјето и животот на плодот е во опасност заради недоволен доток на кислород, што пак претставува индикација за итен царски рез, обвинетите лекари не ја презеле оваа интервенција благовремено. Поради продолженото породување и доцнењето од најмалку пет часа од појавата на индикациите за итен царски рез, интензитетот на страдањето кај плодот се зголемувал. Интервенцијата кај родилката била извршена околу 6.30 часот на 13.10.2019 година, при што се родил плод – женско дете со родилна тежина од 3.550 грама и должина од 48 сантиметри во многу лоша состојба, кое починало за кратко време по породувањето заради кислородното страдање во утробата“, се вели во соопштението на ОЈО.