Двајца мртви, над 150 повредени при уривање трибина во синагога во Израел

6

Две лица загинаа, а повеќе од 150 беа повредени кога падна трибина во незавршена синагога на Западниот брег, во пресрет на големиот еврејски празник.

Трибината била полна со ултраортодоксни Евреи и паднала за време на молитвите на почетокот на празникот Шавуот.

Портпаролот на израелската брза помош за ТВ Канал 13 изјави дека им е дадена помош на повредените и дека загинале две лица, еден маж на педесет години и едно дванаесетгодишно дете.

Спасувачките екипи дошле на местото на несреќата и ги однеле луѓето во болница.

Израелската армија објави дека испратила и лекари и спасувачки единици да им помагаат на повредените, а биле ангажирани и хеликоптери.

Трибината падна неколку недели откако 45 ултраортодоксни Евреи беа убиени во стампедо на религиозна прослава во северен Израел.

На аматерското видео се гледа како трибината паѓа за време на вечерната молитва во синагогата во Гиват Зеев близу Ерусалим, во која биле собрани стотици ултраортодоксни Евреи.

Израелските власти, во меѓувреме, се обвинуваат едни со други за инцидентот.

Градоначалникот на Гиват Зеев рече дека зградата била недовршена и опасна и дека полицијата ги игнорирала претходните повици да се направи нешто.

Шефот на полицијата во Ерусалим рече дека несреќата е резултат на небрежност и дека претстојат апсења.