Двајца Срби уапсени на Косово за напад врз полицајци

11

 

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељал Свечља, синоќа соопшти дека косовската полиција завчера и синоќа уапсила двајца државјани од српска националност поради напад врз полицајци.

„Косовската полиција вчера уапси државјанин од српска националност за напад врз полицајци, а денеска е уапсен уште еден Србин кој исто така се бараше за напад врз полицајци. Како што ветивме, нашата борба против криминалот и зголемување на безбедноста на граѓаните без разлика немаат алтернатива. Ќе продолжиме со максимална посветеност за сите сторители на криминални и терористички дејствија да ги изведеме пред лицето на правдата“, напиша Свечља синоќа на Facebook.

Тој рече дека нападите врз граѓаните и полицајците се неприфатливи и дека е потребна сечија посветеност за сторителите на овие дела, без разлика на етничката припадност, што поскоро да бидат изведени пред лицето на правдата, објави Kosovo online.

Во последните денови на Косово се зголеми тензијата по засиленото присуство на полицијата на северот на земјата, каде што живеат мнозинство Срби.