Двајца Срби, членови на екипажот на крузерот, имаат коронавирус

4

Двајца државјани на Србија, членови на екипажот на бродот „Дајмонд принцес“, е потврдено дека се заразени со коронавирусот. Информацијата ја потврди министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ.

Тој рекол за „Танјуг“ дека Министерството за надворешни работи на Јапонија денеска ги известило дека двајца од преостанатите 11 Срби, членови на екипажот на бродот, кој беше во карантин на пристаништето Јокохама во Јапонија, се позитивни на тестот за коронавирус.

Дачиќ изјавил дека работат на тоа да добијат информации кога ќе бидат симнати од бродот и во која болница ќе бидат сместени.

„Амбасадата на Србија во Јапонија е во постојан контакт со нив, сите наши државјани на овој брод имаат број на телефон од нашата амбасада во Јапонија, како и број на мобилен телефон на која можат да се јават 24 часа, а укажано им е и дека ако бидат сместени во болница потребно е да побараат да контактираат со амбасадата“, рекол Дачиќ.

Српскиот министер истакнал дека последната група патници, кои се тестирани позитивно на вирусот, се сместени во новоотворена болница, околу 300 километри оддалечена од Токио, каде има интернет-врска, така што има можност и двајца српски државјани да бидат сместени во таа болница, ако има капацитет.

Во Србија се вратија двајца патници, како и еден член на екипаж.