Две години од смртта на Оливер Драгојевиќ: Голем концерт во чест на великанот

9

Легендарниот пејач Оливер Драгојевиќ на 29 јули 2018 година на 71 година ја загуби битката со карциномот на белите дробови.

Оваа година, во спомен и сеќавање на Оливер Драгојевиќ, ќе се одржи настан во Вела Лука со цел зачувување на богатото наследство што им го остави на сите.

„Иако овој ден е особено тежок за нашето семејство, чувствуваме гордост кога ќе видиме со колку љубов сите пристапуваат кон ваков настан. Не сакаме да издвојуваме никого, затоа што сите вклучени го даваат максимумот, најмалку што можеме ние како семејство е да се заблагодариме на сите неизмерно. Особено сме среќни што музиката е во преден план, како што би сакал и тој самиот. Без оглед на тоа што ние, семејството, не сме во организацијата на овие настани, запознаени сме со сè и тоа уште еднаш покажува колку многу почит имаат сите кон него. Ви благодарам на сите и се надеваме дека ова е само почеток на една убава музичка и човечка приказна“, порачале од семејството Драгојевиќ.

Целата последна недела во јули ќе биде посветена на Оливер Драгојевиќ, а настанот носи назив „Трага во бесконечност“, исто како трагата што ни ја остави Оливер. Настанот беше отворен на 27 јули со изложбата „Оливер во пристаништето/Пристаништето во Оливер“, а кулминација доживеа со голем концерт на кој учествуваа Нина Бадриќ, Петар Грашо, Петар Драгојевиќ и Делфините на Оливер, со многу музичари, гудачки оркестар, диригентот Алан Бјелински, а сѐ под раководство на продуцентот Анте Гела.