Движењето Самоопределување не го почитува рокот на Тачи

5

Движењето Самоопределување (ВВ), кое победи на октомвриските парламентарни избори во Косово, ќе го извести претседателот на државата Хашим Тачи написмено во следните денови за името на мандатарот за состав на новата влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

На овој начин ВВ го отфрли рокот од 48 часа кој Тачи завчера му го даде на партискиот лидер Албин Курти за определување на кандидатот за иден премиер.

– Претседателството на ВВ денеска одржа седница. Со целосно почитување на Уставот на Република Косово, член 84 точка 14 и Пресудата на Уставниот суд КО 103/14, нашиот субјект ќе го изнесе прелогот за мандатар за премиер. Овој предлог ќе му го доставиме со службен допис на Претседателот на Републиката во наредните денови, се вели во денешното соопштение на ВВ.

Партијата очекува по приемот на дописот, согласно Уставот и пресудата на Уставниот суд, претседателот да го испрати декретот со нивниот предлог до Собранието на Косово.

– Во меѓувреме, се обновија преговорите со раководството на Демократскиот сојуз на Косово за идната владина коалиција, соопшти партијата на Курти.