„Двојник“: 1 година и 7 месеци затвор за обвинетиот што денеска призна вина за пасошите

19

Една година и седум месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања доби обвинетиот од МВР што призна вина на денешното рочиште за случајот „Двојник“ со издавањето фалсификувани пасоши преку системот во Министерството. Исто така, со првостепената пресуда тој доби и забрана за вршење дејност во период од 10 години.

Денешното негово признание за вина беше седмо по ред во овој судски процес. На минатото рочиште во средата тоа го направија петмина обвинети, од кои четворица добија затворски казни од 2 до 2 години и 7 месеци, а еден доби условна казна.

Уште една обвинета која тогаш не дојде на рочиштето од здравствени причини преку својот адвокат најави дека е подготвена да признае вина.

Со ова во судскиот процес „Двојник“, кој се однесува на издавањето фалсификувани македонски пасоши на странци осомничени за криминал и барани со меѓународни потерници, остануваат четворица обвинети, кои се изјаснија за невини и за нив судењето ќе продолжи.