Деблокирани преговорите за пристапување на Црна Гора во ЕУ

Претставниците на земјите од ЕУ во работната група за проширување го поддржаа предлогот за отворање на последното неотворено поглавје за преговори со Црна Гора, со што се деблокираат преговорите за пристапување на Црна Гора за време на хрватското претседателство со Советот на ЕУ.

15

Овие преговори мируваа уште од декември 2018 година, кога беа отворени 31 од вкупно 32 поглавја за преговори.

Одлуката за отворање на поглавје 8, што се однесува на конкуренцијата, треба да биде официјално потврдена утре од постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во Брисел, додека меѓувладината конференција за отворање на поглавјето 8 би можела да се одржи на почетокот на следната недела.

Коментирајќи ги вестите од Брисел, црногорскиот премиер, Душко Марковиќ, рече дека тоа е голем ден за Црна Гора и дека земјата потврдила дека е најперспективна и најблиску до членството во ЕУ и ќе стане првата земја кандидат што ќе ги отвори сите поглавја за преговори.

Во интервју за црногорскиот јавен сервис РТЦГ, хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, рече дека ова е солидна вест и дека е добро што ова се случило за време на претседателството на Хрватска“, потсетувајќи дека и преговорите со Северна Македонија и Албанија беа отворени за време на хрватското претседателствување со Советот на ЕУ.