Деветнаесет години Рамковен договор со кој се стави крај на конфликтот во 2001 година

23

На денешен ден, пред деветнаесет години, беше потпишан Рамковниот договор со кој се стави крај на неколкумесечниот конфликт во Македонија во 2001 година.

Преговорите почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид и резултираа со парафирање на документот на 13 август во претседателската резиденција на Водно во Скопје. Потпис на Рамковниот договор ставија тогашниот претседател на државата, Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП, Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ, Бранко Црвенковски и на ДПА, Арбен Џафери.

Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ, Франсоа Леотар и на САД, Џејмс Пердју.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 во сферата на идентитет, на култура, на образование и на децентрализација на власта.

За успешна имплементација на договорот беше формиран и Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, како дел од Владата.