Девет деца меѓу 24-те загинати во гранатирањата на Газа, Хамас испука над 200 ракети кон Израел

6

Дваесет и четири луѓе загинаа во Газа, вклучувајќи девет деца, во целоноќните воздушни напади на израелската армија, која ги обвини палестинските милитанти дека испукале повеќе од 200 ракети кон Израел.

Насилството ескалираше вчера попладне, откако повеќе од 300 Палестинци беа повредени во судирите со израелските безбедносни сили пред џамијата Ал-Акса во Источен Ерусалим, на што Хамас одговори со првите ракетирања на градот во изминатите седум години. Израел кажа дека гаѓал 130 цели во Појасот Газа, каде што, според Хамас, паднале повеќе од 300 ракети.

Здравствените власти на Газа кажаа дека седуммина од загинатите се членови на едно семејство, меѓу кои и три деца. Израелската војска соопшти дека убила 15-мина оперативци на Хамас, како и еден командир, додека шестмина израелски цивили биле повредени од ракетите испукани од Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Хамас ја преминал црвената линија и дека ќе се соочи со одговор со голема сила. САД, Велика Британија и Европската Унија ги повикаа двете страни да ги смират тензиите.

Црвената полумесечина на Палестина соопшти дека над 700 Палестинци биле повредени во судирите со израелските безбедносни сили во Ерусалим и на Западен Брег во изминатите денови, што се најголемите насилства во градот во последните неколку години. Одлуката да се ограничи пристапот кон Ал-Акса, третото најсвето место во исламот, ги разгневи Палестинците, па израелската полиција вчера упадна во џамијата и се соочи со верниците.