Дела на уметницата Еми Норис изложени во галеријата „КО-РА“

8

Движечки сили во животот ми се дизајнот, модата и музиката, вели уметницата Еми Норис, чиишто дела деновиве беа изложени, пред љубителите на уметноста во галеријата „КО-РА“.

Емилија Дамјановиќ е родена во Скопје. Во 1997 година дипломирала на Факултетот за музичка уметност и работи како професор по музика. По дипломирањето завршила едногодишна обука по моден дизајн кај етаблираниот дизајнер Никола Ефтимов.

Подоцна, таа започнала визуелно да ги истражува идентитетот и личноста на жената како моден субјект, преку колажна уметност во големи формати. Четириесет колажи од овој проект биле изложени на самостојна и групни изложби во земјава и во САД.

Во 2009 година го дизајнирала етно костимот и накитот за настапите  на интернационално познатиот женски хор „Света Злата Мегленска“, каде што воедно била и член. Со овој костим, хорот првпат настапил на концертот за мир во организација на УНЕСКО, во Ла Фениче театар – Венеција, Италија.

Од 2012 година, таа изработува ултрамодерен сценски накит од плексиглас, рециклажа  и комбинирани материјали, под брендот „Еми Норис Фанкахолик“, како и капсулни модни колекции. Нејзините колекции биле изложени на Неделата на дизајн во Скопје, Недела на дизајн Софија, „Миксер“ – фестивалот за дизајн во Белград, Дизајн фестивалот „Дан Д“ – Загреб, Модниот викенд Скопје,  Амбасадата на САД во Скопје и така натаму. Во 2013, 2015 и 2017 година, учествувала на Интернационалното биенале за накит во рамките на Неделата на дизајн во Пекинг, Народна Република Кина.

Изминатите неколку години, таа работи на мултидисциплинарни проекти и проекти од областа на партиципативен театар.

 

– Во моментот се обидувам да најдам време да го довршам проектот, започнат во 2022 година, а се состои од абстрактни дела, платна, во голем формат, со техника акрил. Инспирирани се од внатрешниот свет на душата, универзумот, талкањата и потрагите, нагласува таа.