Делта сојот доминантен во Грција: На удар младите, ќе има нови рестрикции

57

Бројот на нови случаи на коронавирус во Грција расте со голема брзина, а заразниот делта сој особено се шири кај младите.

Како што пренесуваат грчките медиуми, само на една забава во познат бар на плажа во Атина, заразени се стотина млади.

Заради тоа властите најавија нови рестрикции, при што од утре сите кафулиња, ресторани, барови и клубови ќе можат да работат само ако имаат обезбедени места за седење.

Во последните 24 часа регистрирани се 1.797 новозаразени, од кои повеќе од 1.000 во регионот Атика, а починати се осум пациенти.

Заменик-министерот за цивилна заштита, Никос Хардијас предупреди дека во последните 10 дена просечната старост на новозаразените изнесува 27 години и дека 32 отсто од нив најверојатно се заразиле на собири на отворено.

-Заразниот делта сој можеби стана доминантен и се шири во Грција, рече тој и ги повика граѓаните да се вакцинираат.