Демократите предлагаат нови сведоци против Трамп

14

Потребно е да се сослушаат нови сведоци на судењето за импичментот на претседателот Доналд Трамп, велат демократите во Сенатот на САД. Лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер вели дека има нови докази кои бараат и нови сведоци. Се појавиле коресподенции преку електронска пошта во врска со воената помош од САД за Украина.

Претставничкиот дом, во кој мнозинството го има Демократската партија на 18 декември одобри две обвиненија за импичмент против Трамп, поставувајќи ја основата за судење на претседателот во Сенатот.

Трамп е обвинет дека ја откажал воената помош за Украина, за да изврши притисок на украинските власти да го истражуваат неговиот политички ривал Џо Бајден.

Демократите сакаат новите сведоците да се појават на судењето за импичмент во Сенатот, но републиканците се спротивставуваат.

Коресподенцијата преку електронска пошта е добиена преку судска наредба од Центарот за јавен интегритет и покажува дека високиот претставник на Белата куќа задолжен за буџет, Мајкл Дафи му наредил на Пентагон да ја задржи помошта за Украина, а тоа се случило само час и половина откако завршил телефонскиот разговор меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Шумер го предлага Дафи за нов сведок и уште тројца други луѓе.

Мнозинство во Сенатот на САД имаат републиканците, па малку е веројатно дека Трамп ќе биде осуден и сменет од функцијата.