Денеска пресуда за екс директорот на ЕЛЕМ во предметот „Тарифа“

6

Денеска во Кривичниот суд треба да биде изречена пресудата за случајот “Тарифа“, еден од предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство, којшто сега е во надлежност на Јавното обвинителство.

Во случајот „Тарифа“ обвинет е поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски, како и Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски, за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Според обвинителството, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Сите обвинети на почетокот на судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Обвинителот Трајче Пеливанов во воведните говори за предметот рече дека обвинетите ја злоупотребиле службената положба за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на АД „ЕЛЕМ“ со што ѝ причиниле имотна штета на компанијата од 456.560 евра.