Денеска треба да се гласа за недоверба на Владата

3

Денеска во 11 часот треба да започне седницата во Собранието на која треба да се гласа за недоверба на Владата предводена од актуелниот премиер Зоран Заев.

Опозицијата ја поднесе иницијативата за гласање недоверба откако премиерот Зоран Заев по вторит круг од локалните избори најави дека ќе се повлече, но не ја поднесе оставката. Првичната иницијатива беше со 61 потпис од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица. Меѓутоа, пратеникот Скендер Реџепи-Зејд од Алтернатива, реагираше дека не сака неговиот потпис да биде заедно со лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека нова иницијатива, како што првично предложи ВМРО-ДПМНЕ, може да се поднесе после 90 дена, опозицијата реши од тактички и технички причини дел од пратениците да ги повлечат своите потписи. Потписите ги повлекоа 17 пратеници, меѓу кои и Апасиев, по што Алтернатива вчера соопшти дека нејзините четири пратеници на денешната седница ќе гласаат за недоверба на Владата.

Потписот на Крмов од Левица остана до Реџепи, само Апасиев се отпиша од списокот за недоверба

Дебата на денешната седница може да трае најмногу до полноќ односно до тогаш пратениците треба да гласаат. За изгласување недоверба потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно 61. Aко биде изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка рок од 24 часа, но останува да ја извршува функцијата сè до изборот на нова Влада.

Коментирајќи ја политичката сотојба, претседателот на државата, Стево Пендаровски, синоќа во интервју за ТВ 21 рече дека нему му е важно мнозинство да се добие по демократски пат, и дека само така ќе се има легитимитет и внатре и надвор.

„Она што како претседател ми е важно, и е важно и за меѓународната заедница, е следното: оној кој ќе добие во демократска процедура 61 глас, тој ќе биде потполно релевантен соговорник и внатре и надвор. Мене ми е најважно да се случи 61 глас во демократска процедура како што е пропишано во Устав и Закон“,рече Пендаровски.

Според него, државата е во политичка криза иако нема јасно мнозинство ќе биде уште полошо односно, во таков случај, рече тој, можеме да влеземе во т.н. бугарско сценарио.