Денес одлука на судот во Лондон: „Ако биде екстрадиран, Асанж ќе биде жив погребен“

36

Британскиот суд денес одлучува дали ќе го екстрадира основачот на Викиликс Џулијан Асанж на Америка, која сака да му суди за шпионажа по објавувањето на стотиците илјади доверливи документи.

За своите поддржувачи 49-годишниот Асанж стана симбол на борбата за слобода ма информирањето.

За неговата судбина ќе одлучува судијката Ванеса Берицер во судот Олд Бејли во Лондон.

Каква одлука и да се донесе на неа ќе може да се поднесе жалба така што судската битка во Британија сигурно нема тука да заврши.

Останува да се дознае каков ќе биде ставот на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден за основачот на Викиликс.

Против Асанж се води постапка почната од страна на администрацијата на Доналд Трамп.

За време на претходникот на Трамп Барак Обама, чиј потпретседател беше Бајден, американските судови се откажаа од гонењето на Асанж.

Меѓутоа, пред 10 години Бајден го спореди Асанж со „високотехнолошки терорист“.

Адвокатката Стела Морис, со која Асанж има две деца, кажа за германски Шпигл вчера дека во лондонскиот затвор со висока безбедност Белмарш, каде што се чува австралискиот новинар, ниеден негов адвокат не се појавил од март.

Таа кажа дека одбраната на Асанж е „сериозно хендикепирана“.

„Но, ситуацијата во затворот Белмарш не е ништо во споредба со условите во затворот на кои ќе биде подложен во САД ако биде екстрадиран“, кажа таа, оценувајќи дека тогаш Асанж би бил „жив погребен“.

Основачот на Викиликс на 11 април 2019 беше исфрлен од амбасадата на Еквадор во Лондон во која се засолни во 2012 година и британската полиција веднаш го уапси.