Денес ќе се објават номинациите за Оскар, „Медена земја“ кандидат во две категории

5

Денеска во Лос Анџелес, во 14:18 часот по средноевропско време, актерите Џон Чо и Ајса Рае во име на американската Академија за филмска уметност и наука ќе ги објават номинациите за Оскар во 24 категории. Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е во потесниот избор за номинација за Оскар во две категории: за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Преносот ќе може да се следи преку www.oscar.go.com и преку профилите на Академијата на Фејсбук, Твитер и на Јутјуб.

„Пред дождот“ на Милчо Манчевски е единствениот македонски филм кој добил номинација за Оскар, во 1995 година. Претходно, во 1980 како југословенски кандидат номинација за Оскар имаше добиено краткиот документарец „Дае“ на Столе Попов.

По победата на американскиот фестивал Санденс лани, филмот имаше импресивна година со освоени голем број награди, номинaција за европски Оскар и блескави критики од најреномираните филмски критичари и медиуми.

„Медена земја“ минатата недела ја доби наградата за најдобар документарец која ја доделува најпрестижното американско здружение на критичари, Друштвото на филмски критичари во Њујорк. Котевска и Стефанов се номинирани за најдобра режија од Друштвото на режисери во Америка (ДГА). Изминативе неколку денови филмот ја доби наградата за најдобар документарец на Националното друштво на филмски критичари и на Друштвото на филмски критичари во Њујорк, а кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата Филмско око за исклучителни достигнувања во кинематографијата.

На 8 февруари во Санта Моника, Калифорнија ќе бидат објавени добитниците на престижната американска награда Независен дух (Independent Spirit), предвесник на Оскарите, каде што „Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец заедно со „Американска фабрика“, „Аполо 11“, „За Сама“ и „Островот на гладни духови“.

Единствениот македонски филм кој досега ја освоил наградата Независен дух е „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, во 1995 за најдобар странски филм.

Деведесет и второто доделување на престижните Оскари е закажано на 9 февруари во театарот Долби во Холивуд. Втора година по ред, церемонијата на доделување Оскари нема да има водител. Претседателката на ТВ-мрежата Еј-Би-Си, Кери Берк, кажа дека „преносот ќе се фокусира на она што добро функционираше и минатата година, како добра забава, врвни музички настапи и многу комедија и ѕвезди“. Церемонијата телевизиски ќе се пренесува во повеќе од 225 земји низ светот.

„Медена земја“ од денес до 18 јануари ќе игра и во Кинотеката, со по две проекции на ден, од 18 и од 20 часот. Влезницата чини 100 денари. Докуменатрецот до среда ќе игра и во скопското кино Милениум. Проекцијата е од 20 часот, а билетот чини 150 денари.