Денот на Свети Патрик – светски празник на ирската душа

8

 

Ирците ширум светот секој 17 март се собираат за да го прослават празникот на нивната култура – Свети Патрик. Денес, како што се вели – се слави ирската душа.

Инаку, историјата вели дека светецот-заштитник на Ирска е роден во Банвен, денешен Велс, околу 385 година н.е. Роден како Мејвин, до 16-годишна возраст бил паган. Токму тоа време завојувачи го нападнале неговото село, а тој бил продаден како роб.

За време на ропството, како што оди преданието, се приближил до Бога. По шест години тој успеал да побегне во Галија. Се вселил во манастир, каде што и се образувал следните 12 години, го зел христијанското име Патрик, па се нашол за повикан и да ги покрсти паганите. Така станал ѓакон, потоа проповедник и на крајот бил ракоположен за епископ. Историјата го помни како втор епископ на Ирска.

Во приказните за Св. Патрик, покрај вистината и историјата, има и многу мистицизам, митови и легенди. Па, едно од верувањата е дека тој воскреснувал мртви луѓе… Или оти одржал проповед од висока карпа и со тоа ги избркал сите змии од Ирска, каде што нема, но и никогаш немало змии.

Според една легенда, Св. Патрик користел детелина со три листа во своите проповеди за да го објасни тројството на Отецот, Синот и Светиот Дух. Денот на светецот е речиси целосно обележан во зелено – луѓето носат зелена облека, јадат зелена храна, па дури и го пијат познатото зелено пиво, за да го одбележат и истакнат значењето на симболот – детелината.

Меѓу попознатите ирски здравици во чест на Св. Патрик вели „Кровот над нас никогаш да не падне, а ние, добронамерниците под него, никогаш да не потклекнеме!“

Меѓу неизбежните симболи на овој празник е тн. „леприкон“ (leprechaun) – мало, често и минијатурно митско суштество од ирскиот фолклор, претставено како старец облечен целиот во зелено, со зелен костим, кожена наметка, зелена „цилиндар“ капа, и со црвена брада. Во приказните се опишува како човече кое носи среќа, дава натприродни моќи, но и како алчник за злато, а понекогаш и како „син на злото“.

Иако првично бил и сѐ уште е христијански празник, Денот на Свети Патрик денес повеќе се смета за секуларен празник.

Во Ирска, Ден на Св. Патрик како национален празник масовно се слави со паради, добротворни настани и многу зелено пиво. Но, денес Свети Патрик се слави низ целиот свет. Во САД празникот првпат е прославен во Бостон во 1737 година. Денес има околу 34 милиони Американци со ирското потекло. На јужната хемисфера, најголемите прослави се во Сиднеј, Австралија.