Деркоски: Не е фер правила за рекламирање на партиите да се менуваат во 5 до 12

43

Речиси 20 отсто од избирачките места се променети локациски со цел да се обезбедат поголеми простори на денот на изборите, при што се почитува законот и тоа не е подалеку од три километри за урбани средини и не повеќе од пет километри за рурални, рече претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски на Телма.

– Бројот на лица кои се во самоизолација, веројатно, ќе биде многу помал наредниот период, а пријавувањето е овозможено до 8 јули, пет дена пред да гласаат односно седум дена пред 15 јули – основниот ден на гласање. Од она што го слушнавме денес, веројатно ќе нема лица во карантин, дотогаш ќе истече карантинскиот рок од 14 дена. Проблем се активните заразени случаи кои во моментов се околу три илјади, што значи дека најмалку две илјади гласања ќе имаме кај тие лица – рече Деркоски.

Тој апелираше што поскоро да им се достави заштитна опрема за избирачките одбори за да може, како што рече, ДИК навремено да ги достави до општинските изборни комисии, а тие потоа до одборите. Според него, станува збор за околу 35 илјади луѓе.

Во врска со најновите измени на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите, Деркоски оцени дека е некоректкно правилата да се менуваат во 5 до 12. Тој оцени дека направени се премногу правни комбинаторики и нарушен е основниот принцип за фер пристап и еднаквост на сите учесници во изборниот процес.

-Се надевам дека ќе нема многу негативни последици. Меѓутоа, ќе мора да се прилагодиме на оваа ситуација и како претседател на ДИК мора да го водам процесот и да го истерам до крај. Сѐ уште го имам истиот став за уредбите со законска сила и нивната важност и околу потребата од повторно организирање на сите изборни дејствија заради заштита, пред се, на легитимитетот на процесот – порача претседателот на ДИК.