Димитриевски: Се гледаме во 19:30, да упатиме порака на оваа однародена власт, Македонија не е на продажба

0

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски ги повика кумановци да излезат на марш против францускиот предлог со почеток во 19:30.

– Време е да го разбудиме партизанското во нас! Време е да потсетиме кои сме и од кого потекнуваме!

Време е да се потсетиме и на Карпош, на Шабани, на Димче Еребица и на многу други наши истакнати борци коишто својот живот го дадоа за Македонија да имаме држава, народ, среќни граѓани кои заедно живеат во хармонија. Време е да се потсетиме на нашите корени.

Ве повикувам денеска, масовно да излезете на маршот којшто го организира граѓанското здружение „За наше Куманово“ и ве повикувам сите без разлика на своето национално чувство, без разликата на својата партиска, религиска и било која припадност да бидеме заедно како што сме биле секогаш досега.

Да го заштитиме тоа што е наше и да упатиме порака кон оваа власт којашто е одамна однародена, да упатиме порака како кумановчани кои водат потекло од луѓе револуционери коишто животот го имаат дадено за нашата држава и нашите народи.

Ве повикувам денеска во 19:30 часот сите заедно овде на крахот од улица Лењинова, во централното градско подрачје, на градскиот плоштад со еден мирен, достоинствен, демократски, граѓански марш да упатиме јасни пораки на власта дека не може да се игра ниту со нашето минато, ниту со нашата иднина. И самиот марш сите заедно да го завршиме токму овде, на малиот плоштад споменикот Жена борец каде ќе упатиме заеднички и јасни пораки до власта – Македонија никогаш не била и нема да дозволиме да биде на продажба.

Ние сме народ, живееме сите заедно и Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, во ова мултиетничко Куманово и ги штитиме нашите заеднички вредности кои припаѓаат на сите.

Затоа денеска Куманово ќе маршира и ве очекувам да ни дадете поддршка со почеток во 19:30 часот. Одиме сите заедно како што оделе нашите предци и ги дале своите животи за наше Куманово и за наша Македонија! – напиша Димитриевски.