Димитриев барал да биде пратеник, Мицкоски му рекол ќе те ставам на анкета, Силјановска носител на изборна единица

19

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повикал сите актуелни пратеници поединечно на разговор и само на неколкумина им кажал дека ќе ги стави на кандидатската пратеничка листа за претстојните парламентарни избори кои треба да се одржат во април, иако сите искажале желба повторно да бидат пратеници, дознава Сакамдакажам од партиски извори.

Извесно е дека на новата пратеничка листа нема да се најдат долгогодишните пратеници Илија Димовски, Трајко Вељаноски, потоа Јохан Тарчуловски и многу други актуелни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. На интервјуата на тие што немал намера да ги става на кандидатската листа, Мицкоски ги прашувал: „Ти каде се гледаш во иднина во партијата, на кои функции во министерствата и органите на државната управа, ако формираме влада?“.

„Некои од овие актуелни пратеници сфатија од прва дека Мицкоски на овој начин им се заблагодари за досегашното извршување на нивните функции, но има и такви кои се упорни, па отворено му бараат да ги кандидира. Емил Димитриев му кажал дека пак сака да биде пратеник, Мицкоски му рекол ќе те ставам на анкета, па ако котираш добро, нема проблем од моја страна. Истото им го кажал и на другите кои отворено изразиле желба за уште еден пратенички мандат“, велат извори за Сакамдакажам во најголемата опозициона партија.

Според нив, тој во принцип сите на кои сметал, кои се нуделе и на кои им понудил, планирал да ги стави во анкета внатре во партијата, пред да ја состави листата од 120 кандидати за пратеници.

За разлика од мнозинството актуелни пратеници, Никола Попоски и Даниела Рангелова, според нашите извори, веднаш му кажале на Мицковски дека ниту сакаат да ги става на пратеничка листа, ниту се гледаат во иднина каде било во извршната власт.

На пратеничките Дафина Стојаноска, Благица Ласовска и Невенка Стаменковска им кажал дека смета на нив и сигурно ќе ги стави на листата.

За носители на пратеничките листи во шесте изборни единици, според партиски извори, Христијан Мицкоски засега ги планирал кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Гордана Силјановска, генералниот секретар Игор Јанушев, потпретседателот Александар Николоски и Антонијо Милошоски. Шестото место можно е да Мицкоски да го чува за себе како носител на листа, иако на пратениците им зборувал дека нема да се кандидира воопшто за пратеник.