Димитров за австриски „Стандард“: Тешко е да се разбере дали ЕУ е сериозна со нас

29

Вицепремиерот вели дека ако не е можно да се тргне бугарската блокада тогаш ќе се искористат мрежите на нашите пријатели со цел да се европеизира и одржи земјата во добра форма, за да биде подготвена кога ситуацијата ќе се промени

Тешко е да се разбере дали Европската Унија (ЕУ) е сериозна во однос на Северна Македонија, порачува вицепремиерот во интервју за австрискиот медиум „Стандард“, во кое зборува за европските интеграции на земјава и за бугарското вето.

Направени се големи чекори во изминатите три и пол години, смета тој и го поставува прашањето каква порака се испраќа до регионот ако тоа не биде препознаено од ЕУ.

„Тоа е тешко да се каже. Ни останаа уште неколку дена. Но, за нашиот регион ова дава многу лош сигнал. Бидејќи ние бевме првата држава што потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Статус кандидат имавме 15 години. Најпрво бевме блокирани од Грција, но го решивме овој проблем. Потоа Франција покрена нова методологија за проширување и сега постои нов проблем со Бугарија. Навистина е тешко да се разбере дали ЕУ е сериозна во однос на нас. Во март оваа година сè уште имаше зелено светло од Советот на ЕУ – Бугарија беше дел од овој консензус. Потоа, во октомври, добивме многу позитивен извештај од Европската комисија. А што се однесува до политичките критериуми, прилично сме напреднати, дури и во споредба со оние земји што преговараат веќе неколку години. Во последните три и пол години ги решивме проблемите со соседите, направивме големи чекори кон отворено, демократско, мултиетничко општество и спроведовме реформи за правна држава. Каква порака, всушност, се испраќа до регионот доколку ова не биде препознаено од ЕУ?“, вели Димитров за австриски „Стандард“ одговарајќи на прашањето дали мисли дека Бугарија ќе остане непоколеблива.

Во интервјуто вицепремиерот вели дека бугарското вето од вторникот не било добар ден ниту за
Европа ниту за европската перспектива за регионот, а особено за нас.

Она што сега сакаме да го направиме, вели тој, е да го спречиме очајот и национализмот и зато се свртуваме кон пријателските држави од ЕУ.

„Се свртуваме кон пријателските држави од ЕУ, за да можеме да ги постигнеме ЕУ стандардите без процесот на пристапување кон ЕУ, доколку не можеме да го одблокираме бугарското вето. Бидејќи, ако нашиот процес на пристапување се сведе толку многу на билатерален проблем што дискусиите за историјата ќе станат поважни од борбата против корупцијата, независноста на судството, функционирањето на демократските институции, слободата на медиумите, околината и енергијата, тогаш тоа не е процес кој европеизира, туку процес кој балканизира. Затоа нам ни е потребна реформска агенда со мрежа на пријатели кои се тука да ни помогнат и мораме да си поставиме јасни цели и да работиме на нив. Бидејќи не би требало да губиме време“, вели Димитров.
Тој додава дека разговорите со Софија ќе продолжат и понатаму, но нема да се преговара за тоа кои сме и кој јазик го говориме. Тоа, оценува Димитров, е дел од еден историски процес, а не политичка одлука и констатира дека тие како политичари и функционери му ја должат на народот заштитата на своето достоинство и идентитет.

Прашањето за тоа кои сме ние и кој јазик го збогуваме, потенцира тој, е внатрешно и прашање на самоопределување.

„Тешко е да се разбере дека во член 3 од Договорот од Лисабон ЕУ го признава почитувањето на културната и јазичната разноликост, а истовремено македонскиот јазик претставува пречка за почеток на пристапни преговори. Ова не е предизвик само за нас туку и за Европската Унија како заедница на вредности. Овде, во регионот, ние имаме богата историја, но, очигледно, не успеваме да создадеме доволно иднина“, вели Димитров.

„Ставањето под знак прашалник на идентитетот и јазикот во 2020 не е пристојно“

Зборувајќи за Договорот за пријателство и добрососедство, вицепремиерот посочува дека Комисијата на историчари беше формирана токму за да расправа за историските прашања, а политичарите и владите да ги дискутираат политичките прашања. Меѓутоа, констатира тој, во последните неколку недели и месеци расправата за историските прашања стана доминантна и сега го поткопува политичкиот процес и меѓусебните односи.

„Комисијата на историчари повторно ќе се состане во декември – а следната година пет пати. Но, постојат различни гледишта. Пред нашите предвремени избори предложивме Комисијата да продолжи да работи онлајн. Но, во Софија не мислеа така. Политичката декларација во бугарскиот парламент делумно ја спречи и работата на Комисијата. Бидејќи бугарските историчари ги отфрлуваа оние извештаи во кои се појавуваше придавката ’македонски‘. И така ова прашање на идентитет стана пречка во работата на Комисијата. Но искрено: доколку совршениот договор на сите страни за историските прашања би бил предуслов, тогаш Европската Унија никогаш немало ни да се создаде. Во модерната наука концептот на ’историска вистина‘ е застарен. Сега се говори за мултиперспективизам. При пристапувањето треба исто така да станува збор за тоа, за усвојување на правото на Заедницата и европските принципи, а не централно прашање да биде историјата“, вели Димитров.

Вицепремиерот вели и дека во некои бугарски документи постојат тврдења кои се, отворено кажано, навредливи. Во нив, посочува тој, станува збор за „таканаречена македонска нација“ и се вели дека нашиот јазик е западнобугарски дијалект.

„За ваква расправа не би требало да има простор во Европа во 21 век! Ниедна друга земја нема правна основа за отворање прашања кои се во центарот на нашиот суверенитет. Нашиот јазик е наша работа. А ставањето под знак прашалник на јазикот и идентитетот на соседот не е добрососедство, а искрено, во 2020 година не е ни пристојно“, вели Димитров во интервјуто.

„Ќе ја европеизираме Северна Македонија на овој или оној начин“

Вицепремиерот зборува и за поддршката што ја има македонската страна од другите земји на ЕУ и испраќа порака дека ќе останат внимателни да не му дадат причина на никого за да нè блокира. Ако постои достоинствено решение ќе се искористи, ако не, порачува уште еднаш вицепремиерот тогаш земјава ќе се европеизира на еден или друг начин.

„Постои огромна поддршка дека пристапните преговори може да започнат. Германското претседателство ќе продолжи да работи на тоа да се одржи прва меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија во декември. А ние и понатаму ќе внимаваме на тоа никому да не му дадеме причина да нè блокира. Но, тоа не значи дека ќе се преговара за нешто за што не може да се преговара. Ние ќе ја европеизираме Северна Македонија на овој или оној начин. Ако постои достоинствено решение за овој предизвик ние во целост ќе го искористиме пристапниот процес; ако тоа не е можно, тогаш ќе ги искористиме мрежите на нашите пријатели и ќе работиме на тоа да ја одржуваме земјата во добра форма за кога ситуацијата ќе се промени“, вели вицепремиерот.