Димитров за „То Вима“: Нашиот случај е тест за кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан

60

Нашиот случај претставува тест за кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан, вели заменик претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања Никола Димитров во разговор за грчкиот весник „То Вима“ и објаснува дека нашата земја статусот кандидат го доби во 2005 година, а пред 12 години го имавме првиот позитивен извештај за почеток на пристапни преговори, додека Хрватска стана членка, иако ние пред нив ја потпишавме Спогодбата за стабилизација и асоцијација, јави дописничката на МИА од Атина.

-Многумина ќе се запрашаат дали ЕУ е сериозна. Треба, на ова да се додаде и неодамнешното пуштање на контроверзниот нон пејпер за промена на границите и формирање поголеми држави, кога долгорочно имаме потреба од „европски Балкан“ во кој границите ќе имаат помало значење, вели Димитров.

Вицепремиерот во интервјуто освен за европската перспектива на земјата, говори и за бугарската блокада, но и за билатералните односи со Грција.

Изразува подготвеност Скопје да соработува со идната Влада во Софија, но истакнува дека „ќе биде главна стратешка грешка, ако не успееме да најдеме решение“.

-Треба да ги земеме предвид европските принципи. Верувам дека е дел од добрососедските односи кога една европска земја прифаќа дека нејзиниот сосед има право на самоопределување. Не можеш да го оспориш македонскиот јазик на нашиот пат кон Европа, ако Европа претставува заедница на вредности и се гордее за јазичната различност. Постојат меѓународното и европското право кои ги водат меѓудржавните односи. Идентитетот и јазикот се прашања што се однесуваат на секоја земја посебно, објаснува Димитров и додава дека пристапниот процес се однесува на прашањата како што се владеењето на правото, борбата со корупција, „а не на прашања што не се поврзани со европското законодавство.

Како што пишува „То вима“, Димитров вели дека постои „прозорец на можност“, до јули да се одреди датум за почеток на преговори со ЕУ.

За односите со Грција, потпретседателот на Владата коментира дека се „многу отворени, па дури и срдечни и постои доверба“.

-Договорот од Преспа, несомнено ја отклучи динамиката во односите, но поради пандемијата не успеавме целосно да ги ослободиме. Нашата соработка во енергетиката оди многу добро, коментира Димитров и потсетува дека неодамна беше потпишан Меморандумот за разбирање за учество на Северна Македонија во инвестицискиот проект за изградба на терминалот за течен природен гас во Александруполи, како и напредокот во однос на интерконкеторот за природен гас меѓу двете земји.

Во однос на комисијата за учебниците што произлегува од Договорот од Преспа, вицепремиерот објаснува дека досега се одржани шест средби, четири со физичко присуство и две преку видеоконференција, а набргу се очекува и седмиот состанок.

Коментира дека „знаеме дека Договорот од Преспа не е лесен компромис за ниедна од двете страни, но е долгорочно важен за да се отвори вратата за интеграција во ЕУ“.

Како што објави МИА во средата, Димитров, заедно со претседателот на Владата Зоран Заев кон средината на мај ќе учествуваат на шестиот Делфи економски форум во Атина.