Димитров: Изјавата на португалската министерка е прилично несреќна, изразивме негодување и протест

5

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, вели дека за него лично изјавата на португалската министерка, Ана Паула Закаријаш, за македонскиот јазик била „прилично несреќна“. Во текот на вчерашниот ден, како што рече, и тој и шефот на дипломатијата Бујар Османи во комуникацијата со Лисабон искажале негодување и протест.

„Во јавноста често има еден вид збрка во однос на дипломатските реакции кога ќе имаме вакви поводи. Вчера на неколку нивоа јас лично разговарав со Лисабон, МНР исто, министерот Османи исто. Во дипломатската комуникација битно е јасно да си го изразите ставот, да изразите протест, негодување. Сето тоа е направено неколкукратно во текот на вчерашниот ден. Тоа што го добивме, што беше потврдено и од португалската амбасадорка што нè покрива од Белград, е дека Португалија никогаш нема да направи нешто што ќе штети на изнаоѓање решение. Останува цврсто на својот предлог и нема намера да влегува околу содржинска дебата околу културни, идентитетски прашања итн. “,рече Димитров.

Од Португалија, зборуваше вицепремиерот, добиле и уверување дека изјавата апсолутно не го отсликува ставот на Лисабон кој останува на линија на португалскиот предлог и било изразено жалење.

Димитров ја потенцираше и официјалната владина реакција која гласи:

„Нејзината изјава, доколку е прецизно пренесена, и по суштина и по методологија е целосно спротивна на португалскиот предлог за изнаоѓање решение. Во оваа смисла изјавата никако не помага во процесот на градење доверба и заедничко разбирање. Контекстот и моментот се крајно сензитивни и затоа ги повикуваме претставниците на земјите вклучени во процесот да се воздржат од какви било квалификации или објаснување на процеси поврзани со македонските национални прашања. Македонскиот јазик е едно од клучните идентитетски обележја на македонскиот народ, меѓународно признаен и идентификуван со своите уникатни специфики и запишан во личната карта на Северна Македонија во ОН. Македонскиот јазик е израз на неприкосновеното право на македонскиот народ на самоопределување и дигнитет“

На прашање, ако ова е „несреќна“ изјава на португалската министерка, тогаш што конкретно предвидува предлогот што го даде Португалија до Скопје и Софија во однос на македонскиот јазик, Димитров нагласи дека тој предвидува дека јазикот е „македонски“, а Бугарија да има унилатерална изјава во однос на тоа.

„Португалскиот предлог се потпира на предлог преговарачката рамка што ја предложи Европската комисија. Параграфот околу македонскиот јазик да остане таков како што е – со чиста формулација ’македонски јазик‘ и предвидува унилатерална изјава на Бугарија во однос на нивната позиција. Значи, пристапот на португалскиот предлог во однос на македонскиот јазик е македонски јазик за ЕУ со унилатерална изјава на бугарскиот став од страна на Бугарија“, рече Димитров.