Димова била предупредена за нерегуларности со грантовите за фризерницата, но не реагирала

15

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова од лани во април имала информации дека во проектот во кој биле дадени стотина илјади евра на фризерница има индиции за криминал. И покрај предупредувањата дека носителот на проектот за ВЕЗ трејд Зоран Златковски барал пари да му се враќаат во кеш, Димова не презела ништо.

Според документите кои ги објави порталот А1он Димова пред 18 месеци добила официјални барања да ги истражи наводите за криминал во проектот што го финансирала. Повеќе лица ангажирани во проектот на фирмата „В.Е.З. Трејд“, регистрирана со дејност „фризерски салони и салони за разубавување“, која добила грантови од 270.000 евра од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, преку писма уште лани во април ја алармирале директорката на агенцијата Димова за можни злоупотреби со парите.

Во писмата има обвинувања за пари исплатувани во кеш, нетранспарентност и немање увид во проектот финанисиран од Националната агенција, а кој го спроведувал сопственикот на фризерницата кој им уплаќал пари на сметка, па барал да му се вратат во кеш, обвинуваат ангажирани во проектот.

Неколкумина ангажирани за А1он тврдат дека побарале да бидат изземени од проектот поради сомневања за незаконско работење, но никогаш не добиле одговор од директорката на Националната агенција, Лидија Димова.

Деновиве се појавија информации дека преку оваа агенција бил доделен грант за тренирање магариња и коњи во Хрватска за ученици од средно училиште од Кавадарци каде директор е брат на пратеник од СДСМ, дека агенцијата набавила неколку скапи возила…

Со реакција за овој случај се јавија и премиерот Заев и вицепремиерот Николовски и минстерот Димитров кои побараа транспарентност и расќистување на наводите за злоупотреба и истрага. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од Димова.

Димова за денеска најави коференција за медиумите.